Македонската одбојкарска репрезентација ги реализира финалните подготовки во СЦ „Борис Трајковски“ за настапот на Европското првенство кое од 30. август стартува во Скопје.
Македонија во првиот натпревар од групната фаза која се игра во Скопје на 30. август се соочува со својот добар познаник, селекцијата на Данска. Еден од најдобрите македонски одбојкари, Александар Љафтов сака реванш против Данците за поразот пред две години во Струмица во Европската сребрена лига.
„Уште шест дена до првиот натпревар против Данска на Европското првенство. Тие се наш стар должник, имаме и добри но и лоши искуства со нив. Јас лично го паметам поразот во Струмица од нив во Сребрената лига. Навистина се добра селекција, сега почнавме и сега да ги анализираме. Факт е дека се гледа низ нивните пријателски натпревари дека се добро подготвени, но добро подготвени сме и ние. Се надевам дека ќе им вратиме за оној пораз во Струмица кој го паметам, и со победа ќе имаме едно убаво отворање на Европското првенство во Скопје“ – вели Љафтов.
Селекторот Јошко Миленкоски работи со комплетниот состав, по враќањето и на повредениот Филип Маџинков кој ја санираше повредата на коленото. Силна е вербата во македонскиот табор дека успешно ќе се стартува со европскиот шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА