Италија и Австралија победнички го стартуваа Мундобаскетот

Репрезентациите на Италија и на Австралија ги оправдаа улогите на фаворити на почетокот на Светското првенство во кошарка и ги совладаа селекциите на Ангола, односно Финска.

Италијанската репрезентација потешко од очекувањата го скрши отпорот на Ангола.  Се очекуваше лесна победа со голема разлика, меѓутоа „азурите“ долго време се мачеа со жилавиот противник, за целосно да го „разбијат“ во последниот период кога дојдоа до победата од 81-67.

Во еден миг од втората четвртина Ангола имаше и предност, а во третата во еден период беше и „егал“ ситуација. Клучната разлика беше направена на почетокот на последниот период, кога Италијаните стигнаа до предност од десет поени разлика, која на крајот ја зголемија се до најголемата разлика од 14 поени со која заврши мечот.

Фонтекио кај Италија и Дундао кај Ангола беа најефикасни со 19 поени.

Проблеми имаше и Австралија во дуелот со Финска. Особено во првата четвртина кога Финците имаа и предност од 21-17. Меѓутоа во втората четвртина целосна доминација на Австралија за предност на полувремето од пет поени, која во вториот дел беше зголемена за конечен триумф од 98-72.

Милс беше незапирлив кај победничката селекција со 25 поени.

Се вчитува...