За историја – 38.115 гледачи во „Филипини арена“, но Доминиканската република го расипа спектаклот!

Најголемата спортска сала во светот е нов сопственик на рекордот по бројот на навивачи на еден натпревар на светските кошаркарски првенства! Тоа што се најавуваше и очекуваше со недели па и месеци наназад, сега стана реалност. Да се памети и раскажува!

Од денеска ќе остане запаметено дека на натпреварот меѓу Филипините и Доминиканската република на Светското првенство 2023 во Манила беа присутни 38.115 гледачи. За историја! Се очекуваа и повеќе од 40.000, но ужасните сообраќајни услови одвратиле, како што пренесуваат светските медиуми, неколку илјади да се доближат до Арената.

Но, целокупниот тој спектакл, на кој присуствуваше и претседателот на Филипините, Фердинанд Маркос, го „подрасипаа“ кошаркарите на Доминиканската република кои во драматичен меч, со крајно неизвесна завршница, ги победија Филипините со 87-81.

Не помогна кај домашните ниту феноменалната партија на Кларксон кој заврши со 28 поени, седум скока и седум асистенции. Во победничкиот тим предводеше Карл-Ентони Таунс со 26 поени и 10 скока.

Во Групата Е, пак, во која се и Австралија и Финска, Германија без никакви проблеми славеше против домаќинот Јапонија со 81-63. Вагнер беше најефикасен кај Германците со 25 поени, а Ватанабе во редовите на Јапонија заврши со 20 поени.

Се вчитува...