Жозе Мурињо инсистира на засилување на нападот на Рома, а челниците на „волчицата“ се подготвени да донесат не еден, туку двајца нови играчи за да ја исполнат желбата на трофејниот стратег.
Првиот трансфер е веќе договорен, на „Олимпико“ пристигнува Сардар Азмун, одличниот ирански голгетер кој во времето кога доминираше во рускиот шампионат го имаше прекарот „ирански Меси“. Азмун блескаше за Зенит, но пред неколку години се пресели во Баер Леверкузен, каде не ја доби посакуваната минутажа. Мурињо уште пред две години го бараше Азмун во Рома, а сега кога Иранецот стана достапен на позајмица, експресно беа договорени сите детали и тој веќе потпиша едногодишен договор со „волчицата“.
До пресврт дојде и во преговорите со Челси за Ромелу Лукаку, па највисокото раководство на Рома денеска отпатува за Лондон во обид директно да ги договори сите детали и да го осигура потписот на белгискиот џин. „Волчицата“ крена раце од Лукаку, но до пресврт дојде откако на Челси му стана јасно дека не може да најде купец за трансфер, па „сините“ сега се расположени за позајмица, во која дури и би покриле дел од платата на Белгиецот. Тие немаат намера да дозволат позајмица во Тотенхем и сакаат да го испратат Лукаку надвор од Премиер-лигата, нешто што Рома се обидува да го искористи за што поскоро да постигне договор за овој фудбалер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

