Алексис Санчез повторно ќе го облече дресот на Интер откако чилеанскиот ветеран денеска и официјално го потпиша договорот со „нероаѕурите“, клуб за кој со успех настапуваше до пред една сезона.
Тој лани се пресели во Олимпик Марсеј, имаше сосема солидни игри за францускиот клуб, но на крајот не постигна договор за продолжување на соработката и како слободен играч си замина од „Велодром“. Алексис одби неколку понуди за преселба во Саудиска Арабија, а кога почнаа разговорите со Интер веднаш стави до знаење дека е расположен за камбек на „Џузепе Меаца“.
На крајот, беше договорено да потпише на една година за плата од 2,8 милиони евра плус бонуси, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона. Алексис Санчез има над 100 настапи во дресот на Интер, постигнувајќи 20 гола надополнети со 23 асистенции во дресот на „нероаѕурите“.
Тој доаѓа во Интер на местото на Аргентинецот Кореа, кој замина на едногодишна позајмица во таборот на Олимпик Марсеј.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

