Рајн-Некар Левен е на прагот на групната фаза од Лигата на Европа на ЕХФ откако германскиот состав вечерва славеше на гостувањето против Вардар со убедливи 25-34. „Вардарци“ одиграа извонредно прво полувреме што заврши со 14-14, но немаа сили да го издржат темпото, а РНЛ знаеше како да го казни тоа и со супериорна игра во вторите 30 минути стигна до „плус девет“ пред реваншот во Германија. Салата „Јане Сандански“ не беше исполнета до последно место, но навивачите создадоа одлична атмосфера, бодрејќи ги своите миленици и во периодот кога не им одеше најдобро на теренот.
„Црвено-црните“ имаа рано водство од 2-1, по што гостите од Германија постигнаа четири гола во низа и поведоа со 2-5. Мини-серијата на противникот ја прекина Петриќ со својот втор гол за 3-5, но гостинскиот состав одговори со нови два гола во низа и водство од 3-7. На половина од првото полувреме резултатот гласеше 6-9, по што Вардар почна да се враќа. Како што одминуваше времето така и негативата се топеше, најпрвин Николиќ намали на 11-12, а веднаш потоа македонскиот состав стигна и до израмнување (12-12, 25. минута). До крајот на полувремето се играше егал, Томовски имаше неколку одлични одбрани, па на одмор се замина со израмнети 14-14, откако Лазаревски не го реализираше последниот напад на „вардарци“.
Вториот дел повторно почна во знакот на Рајн Некар Левен, откако гостинската екипа поведе со 17-22. „Вардарци“ веќе ја немаа посакуваната сигурност во нападот, а Германците знаеја како да ја казнат секоја нивна грешка, со лесни голови од транзиција поведувајќи и со 17-23 по проектилот на Киркелоке што заврши во мрежата на Томовски. Публиката продолжи да ги бодри избраниците на Недановски и кога не им одеше најдобро, па Николиќ со својот трет гол ја запре серијата на противникот од 6-0, намалувајќи на 18-24. Предноста дополнително се зголеми до самиот крај, па германскиот состав на крајот славеше со убедливи девет гола разлика (25-34).
Срдановиќ и Лазаревски со по пет постигнати погодоци беа најефикасни во таборот на Вардар на овој натпревар.
РНЛ имаше и предност од 19-27, Гоце Георгиевски постигна прекрасен гол со лоб удар од крило, но следеше исклучување поради неправилна замена на Мело.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА