Меси почна како резерва, но тоа не е проблем – нов гол за победа на Интер Мајами (видео)

Лео Меси ја продолжи серијата извонредни настапи во дресот на Интер Мајами со нов погодок, овојпат во рамките од МЛС-лигата каде неговиот тим славеше со 0-2 на гостувањето Њујорк Ред булс. Интересно, по серијата напорни натпревари во куповите тренерот Мартино се реши да го остави Меси на клупата за резерви заедно со Бускетс, но тоа не се одрази врз играта, тимот на Интер Мајами се покажа во одлично светло, па и без помошта на аргентинскиот генијалец успеа да стигне до водство со голот на Гомез.

Меси потоа влезе во игра во 60. минута, а нешто подоцна успеа да постигне нов неверојатен погодок. Алба испрати извонредно додавање до Меси, а Аргентинецот потоа одигра фантастично додавање зад противничката одбрана, топката му беше веднаш вратена, по што Меси немаше тешка задача да ја смести во мрежата, како круна на оваа маестрална акција.

Ова беше прв гол на Лео Меси во МЛС-лигата, а останува да се види до каде ќе дотурка Интер Мајами сезонава ако се знае дека овој тим е убедливо последен на табелата. Сепак, тоа беше случај до пред ангажманот на аргентинскиот генијалец, а со Меси во тимот приказната е сосема поинаква, па Бекам и соработниците не кријат дека сонуваат дури и за титула, иако во моментов се далеку и од место во плејофот.

Се вчитува...