Кошаркарската репрезентација на Канада по перфекцијата во убедливиот триумф над Франција на стартот, денеска одржа нова лекција по кошарка, овојпат на аутсајдерот Либан кој беше совладан со преубедливи 128-73. Триумфот очекувано не беше доведен во прашање, разликата во класи беше и повеќе од очигледна, но Канада импресионираше со леснотијата во играта во нападот, експресно завршувајќи ги своите напади.
Воедно, Канаѓаните поставија нов рекорд на светските шампионати со неверојатни 43 асистенции, нешто што досега не и успеало на ниту една репрезентација на натпревар од Мундобаскет. Првата четвртина заврши со 29-13, а Канада беше уште поимпресивна во вториот период, добивајќи го со 37-17, за до крајот фаворитот предноста да ја зголеми до конечните „плус 55“.
Канадскиот селектор им даде шанса и позначајна минутажа на сите кошаркари, сите дванаесет се запишаа меѓу стрелците, а најефикасни беа Берет со 17, Хејнс со 15 и Еџим со 13 постигнати поени. Она што е интересно, сите 12 канадски репрезентативци имаа и по најмалку една асистенција, најмногу од нив Хејнс со осум и Александер Вокер со седум.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

