Брегалница е неприкосновен домашен тим во Првата македонска фудбалска лига. Штипјани предводени од извонредниот стратег Горан Здравков, го најдоа лекот за досега непобедливата АП Брера нанесувајќи и пораз од 1-0 во 5. коло во ПМФЛ. За Струмичани, по претходните четири победи, сега дојде првиот пораз сезонава. Шкендија, пак, остана со максимални четири победи од исто толку дуели откако во драматичен финиш со два гола во судиското продолжение славеше со 1-2 на гостувањето против Работнички.
Победа запиша и Шкупи против Гостивар со 3-1, а без победник завршија дуелите Тиквеш – Воска Спорт (1-1) и Силекс – Македонија ЃП (2-2).
Штипјани одиграа одлично прво полувреме кое го реши победникот на мечот.
Во второто полувреме, Стојчевски во 60. минута го погоди дирекот од голот на АП Брера. А, потоа клучен момент кога во 74. минута, Мартин Давков одбрани пенал на гостите со што го однесе својот тим кон трите бода. Давков беше одличен на голот на „сините“ до крајот на дуелот.
Работнички пропушти огромна шанса за триумф, откако на полувремето имаше предност од 1-0 против досега непоразената Шкендија. А, најзаслужен за предноста беше фудбалерот од Уганда во редовите на „романтичарите“, Кагиму кој во 28. минута испрати вистинска „бомба“ во самиот десен горен агол од голот на гостите.
Сепак, во последните минути од средбата, буквално во судиското продолжение со голови во 91. и во 96. минута Шкендија дојде до победата од 1-2. Најпрво Бруно Дита во 91. минута израмни на 1-1, а потоа Красниќи по една мешаница донесе победа од 1-2.
Шкупи триумфираше со 3-1 против Гостивар. До водство чаирчани дојдоа со голот пенал на Хоџиќ во 27. минута.
Во второто полувреме, Алпер Потук во 64. минута со прекрасен слалом-погодок израмни на 1-1, но со два гола на Сахити и на Арби Воша, до крајот, Шкупи дојде до победата од 3-1.
Тиквеш ремизираше против Воска Спорт со 1-1. Домашните дојдоа до предност со по погодокот на Марио Гасама уште во 17. минута од средбата…
Воска спорт со голот на Марушиќ во 72. минута дојде до конечните 1-1.
И Силекс и Македонија ЃП ремизираа (2-2) во Кратово. Три гола имаше во финишот на полувремето во Кратово, каде Македонија ЃП дојде до предност од 1-2 против Силекс и покрај тоа што „лавовите“ имаа негатива од 1-0 по голот на Марко Ѓорѓиевски во 44. минута. Но, за две минути следеше пресвртот на мечот, со головите на Сековски во 45. минута и Алексовски во 45’+2.
Во второто полувреме Силекс израмни за конечни 2-2 со голот од пенал на Каланоски во 82. минута.
ПМФЛ – 5. КОЛО
Кавадарци: ТИКВЕШ – ВОСКА СПОРТ 1-1
Гасама 17′ – Марушиќ 72′
Штип: БРЕГАЛНИЦА – АП БРЕРА 1-0
Венегас 27′
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА 1-2
Кагиму 28′ – Дита 90’+1, Красниќи 90’+6
Скопје: ШКУПИ – ГОСТИВАР 3-1
Хоџиќ 27′(п), Сахити 70′, Воша 90’+7 – Алпер Потук 64′
Кратово: СИЛЕКС – МАКЕДОНИЈА ЃП 2-2
Ѓорѓевски 44′, Каланоски 82′ – Сековски 45′, Алексовски 45’+2
01.ноември 2023
Струга: СТРУГА ТЛ – ВАРДАР
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

