Проблем за Елмас: Наполи договори уште едно засилување на неговата позиција

Се покомпликувана станува ситуацијата за Елиф Елмас во Наполи, македонскиот репрезентативец не беше во стартниот тим на првите две средби од новата сезона, а конкуренцијата во средниот ред дополнително се зголеми по денешниот нов трансфер на „наполитанците“. Нов член на италијанскиот шампион од денеска е Јеспер Линдстром, данскиот интернационалец кој пристигнува од таборот на Ајнтрахт Франкфурт.

Станува збор за 23-годишен фудбалер за врска кој лани одигра 27 средби во Бундес-лигата за Ајнтрахт, притоа постигнувајќи седум погодоци. Двата клуба постигнаа договор Наполи да плати пет милиони евра за едногодишна позајмица на Данецот, но со клаузула со која следното лето ќе има задолжителна обврска целосно да го откупи неговиот договор со бундеслигашот за дополнителни 20 милиони евра.

Елмас очигледно не е дел од плановите на новиот тренер Гарсија, но изненадува што и во една тава ситуација претседателот Де Лаурентис одби понуда од 35 милиони евра од Лајпциг за да го продаде „македонскиот дијамант“. Останува да се види дали би можело да дојде до пресврт до крајот на преодниот рок, па Елмас по доаѓањето на Линдстром до крајот на овој преоден рок да си замине од Неапол.

Се вчитува...