Еурофарм Пелистер ги финишира подготовките за новата сезона, а битолчани најдоброто за овој преоден рок го сочуваа за самиот крај. ЕКИПА дознава дека актуелниот првак на Македонија е пред потпис со Дејан Манасков, кој ќе биде најзвучното засилување на „пелистерци“ за новата натпреварувачка сезона. Речиси сите детали од договорот се веќе средени и доколку нема нови компликации, Манасков во наредните 48 часа и официјално ќе го потпише договорот со Пелистер, тимот за кој своевремено настапуваше и неговиот татко.
Манасков минатата сезона ја мина во дресот на Вардар, тој заедно со Талески беше еден од најдобрите ракометари на „црвено-црните“, но поради финансиските проблеми на клубот крилниот ракометар реши да си замине на крајот од сезоната. Ова го потврди и новиот директор на Вардар, Борко Ристовски, во меѓувреме Манасков имаше и неколку понуди од странство, но реши да ја прифати онаа на „пелистерци“, клуб со кој ќе има можност да се натпреварува и во Лигата на Шампионите.
Покрај долгогодишниот македонски репрезентативец, „пелистерци“ ростерот ќе го заокружат со српскиот репрезентативец Богдан Радивојевиќ, десно крило кое ќе биде конкуренција на оваа позиција за Ненад Костески. За интересот на Еурофарм Пелистер за Радивојевиќ беше пишувано уште пред еден месец, во меѓувреме двете страни постигнаа целосен договор, па Србинот во наредните денови ќе пристигне на потпис со македонскиот првак, по што ќе се стави на располагање на тренерот Јовиќ.
Еурофарм Пелистер новата сезона во Лигата на Шампионите ќе ја стартува на 13 септември, на домашен терен против екипата на Колстад од Норвешка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА