Силвио Мировски обезбеди најмалку бронза на Европското кикбокс првенство за јуниори (ФОТО)

Македонскиот кикбокс репрезентативец Силвио Мировски обезбеди најмалку бронзен медал на ВАКО Европското кикбокс првенство за јуниори, кадети и деца 2023, кое се одржува во Истанбул, Турција.

Мировски во денешната борба славеше победа над ерменскиот кикбоксер Гагик Харутјунјан со што обезбеди место во полуфиналето и најмалку бронза. Утре ќе атакува на место во финалето и битка за златниот медал на шампионатот.

Претходно најмалку бронза обезбеди и Туркер Исмаил кој во одлична борба убедливо со 3-0 славеше против грчкиот репрезентативец Пантелејмон Арапогијанис.

Останатите двајца наши натпреварувачи кои имаа квалификациски натпревари ги загубија борбите. Јадранка Темелкова од Елеа Даен од Франција, а Петар Илковски од литванскиот кикбоксер Сергеј Јермолајевс.

Македонската кикбокс репрезентација предводена од претседателот Дејан Митровски Урко учествува со шест кикбоксери на европското првенство. На овој престижен кикбокс натпревар учествуваат 1640 натпреварувачи во 2079 натпреварувачки влезови од 38 европски држави.

Се вчитува...