Македонија е еден од епицентрите на европската одбојка во наредните десетина дена, бидејќи токму нашиот главен град Скопје е ко-домаќин на Еврпоското првенство за сениори што се одржува од 28 август до 16 септември уште во Италија, Бугарија и во Израел.
Одбојкарите се една од ретките национални селекции (заедно со ракометарите), што обезбеди континуитет од настапи на големи натпреварување, за „црвено-жолтите“ ова ќе биде трето ЕП во низа, со желба конечно да се мине првата групна фаза и да се обезбеди учество во следната рунда.
За тоа можеби и клучен ќе биде денешниот меч и дуелот со селекцијата на Данска. Станува збор за ривал што квалитативно не отскокнува во однос на нашата репрезентација, па е идеална можност со победа да се создаде одбојкарска еуфорија и да се направи огромен чекор кон втората фаза. Македонија е во група со Данска, Црна Гора, Полска, Холандија и со Чешка, а пласман во следната рунда обезбедуваат најдобрите четири селекции од секоја група.
Секако, за такво нешто неопходна ќе биде и поддршка од трибините, затоа, трибините од СЦ „Борис Трајковски“ нека се наполнат што повеќе, затоа што одбојкарите тоа дефинитивно го заслужуваат…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА