Никола Ѓоргиев е горд на остварената победа над Данска, но капитенот на нашата одбојкарска репрезентација јасно става до знаење дека не сака по еден триумф да завладее еуфорија во нашиот табор.
Искусниот коректор предупреди дека најважниот меч е оној в сабота против Црна Гора, победа би значела и речиси сигурен пласман во осминафиналето по само две одиграни кола, па фокусот мора да остане максимален и во наредните денови.
„Не сакам еуфорија. Сето ова е супер, сите сме пресреќни што ја добивме Данска, но уште немаме ништо завршено. Да победиме в сабота против Црна Гора, после ќе бидеме херои. Да не заборавиме дека и пред четири години имавме две победи, па не се пласиравме, затоа не сакам да се лета во облаци. Сега е нов ден, пред нас е многу работа, да се подготвиме најдобро што можеме, против Данска имавме добри моменти, имавме и одредени проблеми во играта што Црногорците сигурно ги видоа. Наше е да излеземе на терен, да дадеме се од себе и заедно да се израдуваме на нова победа“, вели Ѓоргиев.
Тој јасно стави до знаење дека на ова ЕП нема слаби репрезентации и дека и против Црна Гора задачата да се дојде до триумф ќе биде исклучително тешка.
„Ова е Европско првенство, најдобрите репрезентации на континент и јасно е дека конкуренцијата е огромна. Јас секогаш велам, Македонија не може никого да победи 3-0, јас го посакувам тоа најмногу од сите, не сакам да играм над два часа во неизвесност, но реалноста е таква… најважно е да играме и да победуваме. Би сакал да се заблагодарам на цела публика, атмосферата беше извонредна и таква поддршка ќе ни биде неопходна и на наредниот меч со Црна Гора в сабота“, истакнува македонскиот капитен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА