Ромелу Лукаку потпиша на позајмица за Рома и би можел да дебитира веќе утре, на големото дерби против Милан. Тренерот на „росонерите“, Стефано Пиоли, не крие дека не е претерано воодушевен од игрите на белгискиот голгетер, сомневајќи се во неговите квалитети на теренот.
„Рома почна лошо сезонава и јасно е дека со ангажманот на Лукаку успеаја да ја кренат атмосферата во и околу клубот. Не е тајна, Ромелу Лукаку е звучно име ако зборуваме за фудбал, но кога ќе излезе на теренот тука ситуацијата е сосема поинаква. Јас многу ја почитувам Рома како противник, но нема да стравувам повеќе од нив само затоа што го потпишале Лукаку“, изјави Пиоли.
Проблем за „волчицата“ ќе биде неиграњето на Пауло Дибала, но стратегот на Милан е категоричен дека противникот не смее да биде никако потценет.
„Рома е исклучително силна екипа без разлика дали ќе играат Дибала и Лукаку. Тие се тим што играат организиран фудбал, со многу контакт и сигурно ќе сторат се за да стигнат до бодови. Наше е да го наметнеме сопствениот стил на игра и да се обидеме да забележиме и трета победа од стартот на сезонава“, порачува шефот на стручниот штаб на Милан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА