Репрезентацијата на Холандија лесно и убедливо славеше над Црна Гора со 3-0 во вториот меч од првото коло во групата Ц од одбојкарското Европско првенство што се одржува во Скопје. Црногорците, кои в сабота ќе бидат втор ривал на Македонија во клучниот меч за пласман во осминафиналето, на моменти покажуваа квалитетна игра, но не успеваа да го задржат темпото и на крајот претрпеа убедлив пораз.
Црна Гора импресивно го почна мечот со водство од 8-3, но „лалињата“ набрзина се разбудија и за само неколку минути целосно се вратија во првиот сет. Црногорците имаа и предност од 17-15, по што Холандија освои дури осум поени во низа и на крајот го доби сетот со 25-19. Во вториот сет повторно пресуди холандскиот квалитет, „лалињата“ влегоа во серија и успеаја да се одлепат резултатски, на крајот славејќи со 25-18. Црна Гора пружи најсилен отпор во третиот сет во кој стигна до 22 поени, но тоа беше недоволно за да се освои сет, па Холандија експресно си ја заврши работата.
Во второто коло Холанѓаните утре ги очекува големо дерби против Полска, додека Црногорците в сабота ќе бидат втор ривал на Македонија на овој европски шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА