Силвио Мировски и Марија Димовска обезбедија финале на Европското кикбокс првенство за јуниори

Младите македонски кикбоксери Силвио Мировски и Марија Димовска обезбедија финале и најмалку сребрен медал на Европското првенство за деца, кадети и јуниори кое се одржува во Истанбул, Турција.

Мировски, по вчерашната победа, денеска во полуфиналето убедливо со 3-0 го победи и Србинот Урош Крстиќ, па во финалето и битката за златниот медал ќе се соочи со грчкиот натпреварувач Христос Ефстахиадис.

Марија Димовска, пак, во категоријата +60 килограми Лоу Кик во полуфиналето ја победи Турчинката Еданур Аџар со 3-0, па во финалето сега ја чека борба со Соња Вуксиќ од Србија.

Туркер Исмаил се закити со бронзен медал на шампионатот откако во полуфиналето загуби од Украинецот Никита Тертишњи 0-3.

Македонската кикбокс репрезентација предводена од претседателот Дејан Митровски Урко учествува со шест кикбоксери на европското првенство. На овој престижен кикбокс натпревар учествуваат 1640 натпреварувачи во 2079 натпреварувачки влезови од 38 европски држави.

Се вчитува...