Црна Гора скапо ја продаде кожата на Американците, Германција убедлива против Грузија

САД стигна до нова победа на Мундобаскет 2023 , но Американците многу потешко од очекувањата го скршија отпорот на Црна Гора, славејќи со резултат 85-73. Црногорците заслужуваат само пофалби за начинот на кој го одиграа овој меч, на кој на полувреме дури имаа и минимално водство од 38-37. Американците сепак успеаја да го свртат резултатот во своја полза, Црна Гора не се предаде ниту во последната четвртина намалувајќи на четири поени разлика (72-68) на три минути до крајот, но САД на крајот сепак стигна до двоцифрен триумф.

Едвардс со 17 поени ги предводеше стрелците во американскиот состав, 12 постигна Џексон џуниор, додека најефикасни кај Црна Гора беа Вучевиќ со 18 и Пери со 14 поени.

Победничката серија на Германија продолжи и на првиот меч од втората фаза, во кој Германците славеа над селекцијата на Грузија со убедливи 100-73. Грузија добро парираше само во првото полувреме (43-41), но германските кошаркари во вториот дел заиграа далеку поенергично во одбраната што им овозможи да се одлепат резултатски и да триумфираат со конечни 27 поени разлика.

За Германија ниту на овој натпревар не настапи Франц Вагнер, а најефикасни беа Ло со 18 и Шредер со 16 поени. Мамукелашвили со 19 поени беше најефикасен кошаркар на овој натпревар.

Се вчитува...