Летонија го приреди првото големо изненадување во втората фаза од СП 2023, откако попладнево успеа да слави над европскиот првак Шпанија со резултат 74-69. Откако во првата рунда ја елиминираа Франција, летонските кошаркари одиграа уште еден феноменален натпревар во кој стигнаа до скалпот на нов фаворит за висок пласман.
Првото полувреме мина во тактичко надмудрување на двете страни, Шпанија имаше предност од 32-29 на паузата, но откако Шпанците го добија третиот период со убедливи 26-18 се чинеше дека прашањето на победникот е решено. Летонија повторно покажа фантастичен карактер и идентично како и против Франција повторно блесна во последните десет минути, со голем пресврт (11-27 во четвртата четвртина) стигнувајќи до огромна победа.
Бертанс со 16 поени беше најефикасен во победата на Летонија, 13 постигна Куруч, а по 11 Шмитс и Гражулис. Во шпанскиот табор најдобар поединец беше Вили Хернангомез со 14 поени.
Само за потсетување, Летонија на овој Мундобаскет настапува без својот најдобар кошаркар Порзингис, а поради повреда во првото коло настапот предвреме го заврши и капитенот Даирис Бертанс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

