Репрезентацијата на Чешка славеше со 3-1 во сетови над Данска во рамките од второто коло во нашата група, исход што оди во прилог и на македонскиот национален тим. Имено, вториот пораз на Данците ја остави скандинавската селекција со само теоретски шанси за пласман во осминафиналето, па Македонија со триумф утре против Црна Гора би направила џиновски чекор кон следната фаза.
Чесите целосно доминираа во првиот сет што неочекувано лесно го добија со преубедливи 25-15. Данска не се предаде, па во вториот сет возврати израмнувајќи на 1-1, откако го доби сетот со 23-25. Најинтересно беше во третиот сет, кога Данците дури и го прославија сетот, но челинџот на Чешка го смени резултатот на семафорот, од 23-25 во 24-24. Данска потоа не искористи уште две сет-топки, по што Чесите го добија сетот со 29-27.
Израмнета борба можеше да се проследи и во рамките од четвртиот сет, во кој поумешни сепак беа чешките одбојкари, славејќи со 25-22 за свој прв триумф во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА