Шкендија – Шкупи, без сомнение, е дерби пресметката од денешните натпревари во 6. коло од Првата македонска фудбалска лига, кое се игра ден порано поради обврските на македонската репрезентација која од понеделник ги стартува подготовките за квалификациските натпревари со Италија и со Малта.
Традиционално жестока пресметка меѓу два лути ривали со силна желба за бодови и на двете страни. Шкендија, како лидер на табелата, по четирите победи на стартот на сезоната, без сомнение, посакува продолжување на триумфалната низа. И, јасно е дека избраниците на Ардијан Нухиу, согласно игрите кои ги покажаа досега, се способни за тоа.
Шкупи, пак, немаше старт на сезоната согласно посакувањата. Но, овој натпревар е секогаш голем предизвик и затоа во таборот на чаирскиот прволигаш посакуваат триумф.
„Добро сме подготвени за утрешниот натпревар, тоа е еден од најважните натпревари за нас оваа сезона. Сакаме да продолжиме со добра игра, како на последниот домашен натпревар. Верувам дека ќе ги израдуваме нашите навивачи и по натпреварот сите заедно ќе се радуваме на победа“ – вели словачкиот дефанзивец во редовите на Шкупи, Михал Пинтер.
АП Брера сака да се врати на победите, по оној пораз од Брегалница во Штип, сега на домашен терен против Работнички.
„Против Работнички ќе се обидеме да се вратиме на победите. Ветувам дека ќе има добра офанзивна игра. Се спремаме цела недела за Работнички. Поразот во Штип го забораваме – натпревар од кој ги зедовме само најдобрите работи. Иако беше пораз, сметам дека имавме добра игра и шанси против Брегалница“ – вели Мартин Ѓоргиевски.
Работнички, пак, има два порази во низа. Посебен удар за „романтичарите“ беше начинот на кој го загубија последниот дуел против Шкендија со 1-2, со два гола примени во судиското продолжение.
„Посакуваме позитивен рестарт во Струмица. Одигравме навистина добар натпревар против Шкендија, а кога бевме на прагот на победа, имавме голем пад во тие неколку минути од судиското продолжение и на крајот бевме поразени. Од тоа секако треба да извлечеме поука. Ги анализиравме сите моменти, но тоа го оставаме зад нас и сега сме максимално фокусирани на мечот против Брера. Тие имаат одличен почеток на првенството, имаат квалитетен тим, но и ние веруваме дека конечно ќе одговориме резултатски и дека ќе оствариме успех. Знаеме дека не очекува тежок натпревар, но подготвени сме за предизвикот“ – вели Матеј Ангелов.
ПМФЛ – 6. КОЛО (денеска, 16 ч.)
Охрид: ВОСКА СПОРТ – БРЕГАЛНИЦА
Скопје: ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП
Гостивар: ГОСТИВАР – СИЛЕКС
Тетово: ШКЕНДИЈА – ШКУПИ
Струмица: АП БРЕРА – РАБОТНИЧКИ
Понеделник (4. септември, 16 ч.)
Струга: СТРУГА ТЛ – ТИКВЕШ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

