Вајналдум се пресели кај Џерард и Хендерсон во Ал Етифак

Стивен Џерард успеа по Џордан Хендерсон да доведе уште еден поранешен играч на Ливерпул во редовите на Ал Етифак, откако тригодишен договор со овој клуб доцна синоќа потпиша Џини Вајналдум.

Холандскиот играч за врска не се прослави по заминувањето од „Енфилд“, тој имаше разочарувачка сезона во ПСЖ, по што една година мина и на позајмица во Рома, каде една тешка повреда целосно го исфрли од натпреварувачки ритам. Тој летово се врати назад во ПСЖ, но јасно му беше дадено до знаење дека не е дел од плановите на Луис Енрике и имаше одврзани раце да си најде нов клуб.

Откако стана јасно дека нема на повидок интересна понуда од Европа, Вајналдум на крајот ја прифати понудата на Ал Етифак и реши да се приклучи на европската колонија во Саудиска Арабија.

Ал Етифак по пет одиграни кола има освоено десет бода и моментно се наоѓа на петтата позиција на табелата, со три бода заостанување зад лидерот Ал Хилал.

Се вчитува...