Анчелоти за Модриќ и Крос: Тие се најдобрите за мене, без разлика колку минути играат

Реал Мадрид реди победи на стартот од сезоната во Ла Лига, Белингем се покажа како топ-засилување, но тренерот Карло Анчелоти ја искористи прес-конференцијата по триумфот над Хетафе за да ги пофали и ветераните во клубот, Лука Модриќ и Тони Крос.

Двајцата искусни играчи за врска сезонава добиваат далеку помала минутажа од вообичаено, но Анчелоти јасно стави до знаење дека се уште има исклучително високо мислење за Хрватот и за Германецот.

„Во случајот на Модриќ и на Крос, не е важно колку минути играат, важен е квалитетот на играта во тие минути. Што се однесува до мене, тие и натаму се најдобри од сите останати, имаат искуство и квалитет, можат да го одиграат буквално секој вид на натпревар. Досега имавме по една средба неделно, наскоро тоа ќе се смени и ќе почнеме да ротираме, сигурно и Лука и Тони ќе добијат поголема минутажа“, изјави Анчелоти.

Трофејниот стручњак се осврна и на неверојатниот старт на сезоната на Белингем, кој на сите досегашни натпревари се запиша меѓу стрелците, носејќи победи на Реал Мадрид.

„Неговите квалитети не се изненадување, но пријатно сме изненадени од бројот на голови што ги постигнување. Лани постигна околу 15, годинава лесно ќе ја надмине оваа бројка ако продолжи вака. Белингем е голем професионалец, во нашата соблекувална има бројни идоли, многу брзо учи и напредува“, прокоментира Карло Анчелоти.

Се вчитува...