Летонија уште еднаш покажа дека е најпријатното изненадување на светскиот шампионат во кошарка откако во извонредна партија го декласираше Бразил со 104-84, за место во четвртфиналет на овој Мундобаскет. За потсетување, Летонците во првата фаза ја елиминираа Франција, пред два дена беа подобри и од европскиот првак Шпанија, за со денешното супериорно издание против Бразил апсолутно заслужено да се стигне до место меѓу најдобрите осум селекции во светската кошарка. Успехот е уште поголем ако се знае дека најдобриот летонски кошаркар Порзингис отпадна од комбинација непосредно пред Мундобаскет поради повреда, а на самиот старт од шампионатот се повреди и капитенот Даирис Бертанс.
Носени на крилјата од извонредниот триумф над Шпанија летонски кошаркари одлично го почнаа и денешниот меч, поведувајќи со 13-6, но Бразилите се вратија и првата четвртина заврши со 22-20. Вториот период повторно почна со подобра игра на Летонија, балтичката селекција поведе со 33-24, но Бразил не се предаде, до крајот на полувремето намалувајќи на 45-42. „Кариоките“ за момент во третиот период дури имаа и минимална предност, но тоа беше се што успеаја да сторат, летонската артилерија почна со беспрекорна реализација, со низа тројки Летонците стигнаа до двоцифрена предност. Не само што Бразил не успеа да се врати, туку Летонија доминираше до самиот крај, славејќи со преубедливи „плус 20“.
Гражулис беше извонреден со 24 поени, Артурс Жагарс постигна 17, а Куруц и Давис Бертанс по 12 поени за најпријатното изненадување на овој шампионат. Мора да се истакне извонредната реализација на Летонците при ударите од далечина, вкупно 16 погодени тројки од 33 обиди (48% успешност).
Со овој триумф, Летонија е сигурен патник во четвртфиналето, а вториот билет од оваа група ќе припадне на победникот од мечот Канада – Шпанија што ќе почне во 15.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

