Една од најголемите легенди на југословенската и српската одбојка, Никола Грбиќ сега како селекторот на репрезентацијата на Полска вечерва на мегдан против Македонија на Европското првенство 2023 кое се одржува во Скопје.
Полска и Македонија во Групата Ц се водечки, со по две победи, по првите натпревари на шампионатот. Полјаците, сосема јасно, се големи фаворити но Грбиќ пред мечот вели дека во секој случај ќе биде уживање за преполната сала во „Борис Трајковски“.
„Македонија е земја која некогаш припаѓаше на Југославија, и да бидам искрен секогаш ми е убаво кога доаѓам тука. Роден сум во преубава земја која сега не постои, па затоа секое доаѓање во Скопје и во Македонија за мене е едно сентиментално патување. Видовме колку убава одбојка игра Македонија на крилјата на домашните навивачи, и сигурно вечерва ќе биде еден убав натпревар за сите“ – вели Грбиќ пред натпреварот.
Полска, предводена од Грбиќ, неодамна го освои златото во Лигата на нациите. Но, Грбиќ вели дека не може сега така лесно да ја прифатат фаворитската улога за злато на Европското првенство.
„Не сме фаворити за златото, јас сум реален. Да, добар тим сме, можеме да играме за трофејот, но би било премногу да кажеме дека сме први фаворити. Пред нас тука како фаворити се Италија, Франција, Словенија, па и Србија… Ќе биде тоа тежок турнир до крај“ – вели Грбиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА