Селекторот Миленкоски искрен: Илузорно е да се лажеме, Полска е од друга планета, но …

Селекторот на одбојкарската репрезентација, Јошко Миленкоски дефинитивно е меѓу најзаслужните за големиот успех и обезбедениот пласман во осминафиналето од ЕП 2023.

Селекцијата беше перфектно водена, ривалите беспрекорно анализирани, со што беше олеснета задачата и против Данска и против Црна Гора, а Миленкоски не го крие задоволството што e испишана нова историја во македонската одбојка. Сега кога целта е остварена со пласманот во следниот круг, искусниот стратег и неговите избраници ќе можат максимално да уживаат во денешниот натпревар против моќната Полска (20 часот, СЦ „Борис Трајковски“).

„Бевме подобри во секој поглед од Црногорците, малку се плашевме од притисокот што го носеше значењето на мечот, дека моравме да победиме, но успеавме да одговориме на најдобар начин. На крајот имаше и моменти за атракција, публиката можеше да ужива и верувам дека им се оддолживме на вистински начин. Од почетокот на мај сме заедно, стотици тренинзи, бројни натпревари, бевме посветени на Данска и на Црна Гора, се подготвивме максимално и стигнавме до победата. Сега на ред е Полска, играчи кои се меѓу најдобрите во светот во нашиот спорт. Илузорно е сега да кажеме дека се надеваме на победа, резултатот е јасен уште пред да почне мечот. Сепак, важно е како ние ќе се претставиме, да прикажеме добра игра и нашата многубројна да ужива во овој натпревар, на Македонија против една одбојкарска велесила како Полска во Скопје“, изјави Миленкоски.

Се вчитува...