Ракометарите на Вардар експресно ја завршија својата европска епизода сезонава со елиминацијата од германски Рајн-Некар Левен во квалификациите за влез во групната фаза од Европската лига на ЕХФ.
„Вардарци“, по убедливиот пораз на првиот меч во Скопје од 25-34, сега доживеаја уште еден пораз и на реваншот во Германија со 37-33.
Одиграа црвено-црните сега далеку подобар натпревар од оној во Скопје, низ рамноправна пресметка со Германците во текот на сите 60 минути, но не можеа да се надеваат на ништо повеќе од чесен пораз.
Максимално рамноправно се играше првото полувреме, кое заврши со 17-17. И низ првите 15 минути од второто полувреме се играше главно гол за гол, за да домашните во самиот финиш се стекнат со разлика за победа од 37-33.
Најдобар во вардаровиот состав беше Милан Лазаревски со седум гола од исто толку обиди, а Томислав Јагуриновски и Стефан Петриќ запишаа по шест погодоци. Матија Николиќ мечот го заврши со четири гола. Колбахер и Андерсен беа најефикасни кај РНЛ со по седум погодоци.
Вардар, на овој начин, ги заврши своите европски настапи сезонава без можност за место во групната фаза од Европската лига на ЕХФ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА