Репрезентацијата на Црна Гора ја запиша првата победа во Групата Ц на Европското првенство 2023 триумфирајќи со 3-1 против селекцијата на Данска.
Црногорците беа резервирани само во првиот сет кој го загубија со 18-25, а потоа беа подобар противник од Данска сосема заслужено добивајќи ги следните сетови со 31-29, 25-22 и 25-23.
Но, оваа победа на Црна Гора значи и внесување неизвесност на патот на Македонија кон осминафиналето на шампионатот, затоа што сега се ќе зависи од пресметките на двете селекции со Чешка. Ако победеше Данска, тие веќе имаат пораз од Чешка, а тешко е да се верува дека можат да се надигруваат со Полска и со Холандија, па Македонија во голема мера ќе беше кон осминафинале.
Ако Црна Гора триумфира на утрешниот натпревар против Чешка, а потоа Македонија загуби од Чесите тогаш би можело да се создаде круг меѓу трите селекции и сет-разликата да одлучува кој ќе стигне до четвртата позиција во Групата Ц која води во осминафиналето. Се разбира, сето ова, ако Македонија, Чешка и Црна Гора ги загубат, пак, натпреварите против големите фаворити Полска и Холандија.
Факт е дека малку за верување е можноста Црна Гора да слави против далеку подобрата селекција на Чешка, но секако останува теоретската надеж на Црногорците дека во евентуален круг може да дојдат до осминафиналето на ЕП 2023.
Македонија вечерва игра против Полска од 20 часот во дуелот на досега двете непоразени репрезентации во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА