Македонскиот селектор Јошко Миленковски веќе се издвојува како едно од најголемите спортски имиња на Македонија.
Со националниот одбојкарски тим Миленковски чекори кон историја со пласманот во Топ 16 на Европското првенство 2023, но со настапите на домашен терен меѓу најдобрите на Стариот континент тој и неговите избраници само допринесуваат за промоцијата и развојот на одбојката.
Македонија вечерва загуби од една од најдобрите светски селекции Полска со 0-3. Претходно вкалкулиран пораз ако се знае дека се, можеби, и фаворитот број еден за освојување на европската титула. Затоа за Миленковски останува позитивниот впечаток од мечот чија цел беше единствено да се одржи ритамот за последните два дуели во Групата Ц.
„Игравме, според мене, со најдобрите на планетата и јасно е дека не може нешто повеќе да очекуваме против една ваква селекција. Оние што ја пратат одбојката знаат против какви играчи игравме. Самиот светски врв! Но, имавме и добри моменти, можеби можевме да го добиеме вториот сет, ќе имаме некои анализи за да корегираме пред следните предизвици иако е јасно дека овој натпревар беше за себедокажување, престиж и уживање. Ретко кој добива можност во својата кариера да игра на едно Европско првенство во својата земја, пред своите навивачи и против најдобрите на планетава. Затоа работат и емоциите и гордоста кај секој од нас кога се претставува својата земја. Во секој случај, задоволни сме и сега продолжуваме понатаму“ – вели македонскиот селектор.
Сега Македонија во вторник (5. септември) и среда (6. септември) ја очекуваат дуелите против Холандија односно Чешка. Во голема мера местото во осминафинале е обезбедено, но сите во националниот тим посакуваат уште некоја победа и избегнување на Италија во осминафиналето.
„Да, точно е дека тие два натпревари кои планиравме и посакувавме да ги победиме ги добивме против Данска и против Црна Гора. Целта ја остваривме со пласман во осминафинале, освен ако не се оствари некое црно сценарио затоа што и Црна Гора се уште има шанси. Но, никој во репрезентацијата не помислува тука да застанеме. Имаме уште два натпревари на кои секако сакаме да победиме, да се натпреваруваме и да уживаме. Ќе биде интересно одмерување на силите и против Холандија и против Чешка. Со победа би ја избегнале Италија во осминафиналето, и тоа би било убаво. Останува добро да се подготвиме и со поддршка од нашите навивачи да дојдеме до нов успех“ – вели Јошко Миленковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА