Миленкоски: Знаеме дека ќе биде тешко, но сакаме победа и против Холандија

Македонската одбојкарска репрезентација има фантастичен настап на Европското првенство кое се одржува и во нашиот главен глад. По победите над Данска и Црна Гора „спартанците“ само чудо може да ги спречи од пласман во осминафиналето, а преостанатите натпревари против Холандија и Чешка се само шанса да докажување.

Тоа добро го знае и селекторот Јошко Миленкоски кој сепак не ја крие желбата за нова добра игра и победа пред преполните трибини во СЦ „Борис Трајковски“.

„Натпреварот со Холандија за нас резултатски можеби нема да биде од големо значење, но тоа е борба за престиж против репрезентација која е од самиот врв. Можеби и со најдобриот коректор на светот кој го постави светскиот рекорд на сервис со 130 километри на час. Ни машината која ја имаме за сервис ја нема таа брзина и на тренинзите не можеме да ја постигнеме таа брзина.

Ја анализираме Холандија, секако дека не е во рангот на полската репрезентација и тоа ни дава да се надеваме на подобар отпор против нив и зошто да не и позитивен резултат. Влегуваме во овој натпревар растеретени и без психолошки притисок со голема поддршка од публиката која верувам дека повторно ќе дојде во голем број да не поддржи. Нека и овој натпревар биде уживање“, вели селекторот на Македонија.

Се вчитува...