Одбојкарите против Холандија по изненадување и избегнување на Италија во осминафинале

Одбојкарската репрезентација на Македонија испиша историја откако веќе и дефинитивно е меѓу шеснаесетте најдобри на Европското првенство.

Следна цел на избраниците на Јошко Миленковски е победа на еден од последните два натпревари (Холандија и Чешка) како би се избегнал актуелниот светски шампион Италија во осминафиналето во Бари.

На ред е Холандија предводена од Нимир Абдул-Азиз, за многумина најдобриот светски коректор на денешницата. “Лалињата” беа подобри од нас пред две години во Тампере.

Селекторот Миленковски пред мечот вели дека и овој меч треба да биде уживање за неговите одбојкари, но за разлика од мечот со Полска треба да дадат максимум и да се обидат да го изненадат големиот фаворит.

„Натпреварот со Холандија за нас резултатски можеби нема да биде од големо значење, но тоа е борба за престиж против репрезентација која е од самиот врв. Можеби и со најдобриот коректор на светот кој го постави светскиот рекорд на сервис со 130 километри на час. Ни машината која ја имаме за сервис ја нема таа брзина и на тренинзите не можеме да ја постигнеме таа брзина. Ја анализираме Холандија, секако дека не е во рангот на полската репрезентација и тоа ни дава да се надеваме на подобар отпор против нив и зошто да не и позитивен резултат. Влегуваме во овој натпревар растеретени и без психолошки притисок со голема поддршка од публиката која верувам дека повторно ќе дојде во голем број да не поддржи. Нека и овој натпревар биде уживање“, вели селекторот на Македонија.

Натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ е со почеток во 17 часот.

Се вчитува...