Богдановиќ е нов мундијалски рекордер, го мина и Дражен Петровиќ

Богдан Богдановиќ одигра капитенски кога беше најважно, постигнувајќи 21 поен (9/13 од поле) во фантастичната победа над Литванија со која селекцијата на Србија се пласираше во полуфиналето од Мундобаскет 2023.

Асот на Атланта воедно и постави неверојатен мундијалски рекорд, откако стана прв кошаркар во историјата што погодил најмалку по една тројка на 23 натпревари од светските шампионати. Со тоа, Богдановиќ го урна рекордот на Кирк Пени од Нов Зеланд, кој биеше прецизно од далечина на 22 мундијалски средби.

Богдановиќ воедно ја проби и границата од 400 постигнати поени на кошаркарските мундијали. Тој стигна до 404 поени, оставајќи го зад себе легендарниот Дражен Петровиќ со 399 поени. Се очекува Србинот до крајот на СП 2023 да го мине и Дирк Новицки, зад кого заостанува само 21 поен, а Богдановиќ го очекуваат уште два натпревари на овој Мундобаскет.

Се вчитува...