Македонските одбојкари денеска се соочуваат со нов предизвик на ЕП 2023 во Скопје, дуел против силната селекција на Холандија (17 часот, СЦ „Борис Трајковски“) во обид да се направи чекор напред и да се избегне четвртото место во групата. Првичната цел е осигурана со пласманот во осминафиналето, но нашите репрезентативци не кријат дека сега имаат желба да победат на најмалку еден на преостанатите два меча, против Холандија и Чешка, за да ја избегнат Италија како ривал во нокаут-фазата во Бари.
Такви се размислувањата и на капитенот Никола Ѓоргиев, кој ќе ја предводи Македонија и на денешниот дуел против „лалињата“, во обид да се стигне до третата победа на четвртиот меч пред публиката во Скопје.
„Поразот против Полска не ни падна премногу тешко бидејќи знаевме дека станува збор за ривал од највисока светска класа. Првенството допрва почнува за нас, овие две средби против Холандија и Чешка се исклучително важни бидејќи сакаме да ја избегнеме Италија, ривал што е на нивото на Полска против кого искрено не би имале што да бараме во Бари. Ако првиот сон беше да направиме две победи, втор сон ни е да ги избегнеме Италијанците. Ќе одиме на победа и против Холандија и против Чешка, се надевам дека ќе стигнеме барем до еден триумф од овие две средби за да го освоиме најмалку третото место“, вели Ѓоргиев.
Холанѓаните според нашиот капитен се значително послаб ривал во однос на Полска, така што Македонија со добра игра би можела да се надева на изненадување.
„Јас искрено не сум голем фан на Холандија. Тие се високи и физички јаки, но ако успееме да го сопреме Нимир Нимир Абдел-Азиз, кој според мене е најдобар коректор во светот, би можеле да се надеваме на позитивен исход. Тој е светска класа, но сите останати играчи на останатите позиции се послаби од оние што ги има Полска. Нимир добива многу топки, ќе стигне до своите поени, но да го запреме барем малку, да го исфрлиме од ритам, ако треба да освои над 30 поени, ние да го запреме на 25, тие пет поени би можеле многу да значат“, истакнува најдобриот македонски одбојкар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА