Џордан Хендерсон е еден од првите фудбалери кои летово го напуштија европскиот фудбал за да се преселат во Саудиска Арабија, прифаќајќи ја понудата на својот поранешен соиграч Стивен Џерард, кој е тренер на екипата на Ал Етифак.
Хендерсон доби седум пати поголема плата од онаа што ја заработуваше во Ливерпул, но англискиот репрезентативец тврди дека парите воопшто не биле пресуден фактор во оваа одлука.
„Можете да ми верувате или не, но јас не отидов во Ал Етифак поради парите. Сакам да играм фудбал на високо ниво, да бидам стандарден, а Ал Етифак ми го понуди токму тоа. На преселбата во Саудиска Арабија гледам како на максимално позитивна работа во мојата кариера. На овој трансфер не гледам како на чекор назад во кариерата“, тврди доскорешниот капитен на Ливерпул.
Притоа, тој ги критикуваше челниците на клубот како и тренерот Јирген Клоп што не покажале доволна желба да го задржат на „Енфилд“.
„Јас искрено сакав да останам, но како да немаше желба за такво нешто од тренерот и од управата. Кога течеа преговорите, никој во ниту едне момент не ми се јави да ми каже да останам, да се обиде да ме убеди. Едноставно, како да сакаа да се ослободат од мене, тоа е чувство што не го посакувам никому. Ако еден од нив ми се јавеше, денеска воопшто немаше да го водиме овој разговор бидејќи јас се уште ќе играв за Ливерпул“, вели Хендерсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

