Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев не можеше да го сокрие разочарувањето што, поради неочекувани болки во грбот, не можеше да им помогне на своите сограчи на дуелот против Холандија од 4. коло во Групата Ц на Европското првенство 2023 на кој Македонија загуби со 0-3.
На два часа пред мечот во својата хотелска соба Ѓоргиев почувствувал неочекувани болки во грбот поради кои немаше шанса да настапи, добивајќи препораки од лекарскиот тим денеска да паузира.
„Навистина ми е премногу жал, после толку одрекувања, толку дисциплина ова лето, ете морав да се откажам од денешниот натпревар со Холандија. Но, навистина ваква повреда на грбот, вакви болки, првпат ми се случуваат. Утрово тренирав максимално, но на два часа пред мечот ми се случија неочекувани болки кога се вратив во својата хотелска соба на одмор“ – изјави Ѓоргиев по дуелот со Холандија, дополнувајќи во еден здив.
„Се надевам дека ќе бидам максимално подготвен за утрешниот натпревар со Чешка кој е клучен за нас за да ја избегнеме Италија во осминафиналето. Сега се чувствувам подобро, па се надевам дека утре ќе бидам супер. Искрено не паметам кога последен пат сум бил на клупа за македонската репрезентација. Но, без разлика на се, дали ќе играм или не, ја повикувам македонската публика да ја наполни салата во ‘Борис Трајковски’ и да даде поддршка за овие момци затоа што заслужуваат“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА