Фузионирањето од два во еден клуб стана вообичаена пракса во македонската кошарка, особено во ситуација кога некој тим се наоѓа пред целосен финансиски колапс.
Нов случај ќе имаме и летово, откако прволигашот Академија ФМП поради големи финансиски проблеми нема да може да се натпреварува во највисокиот ранг на натпреварување. Поради ова, клубот од Кисела Вода донел одлука за фузија со КК Струмица, за што веќе е известена и федерацијата.
Ова е потврдено и во Билтенот за Младинските лиги на КФСМ, каде Академија ФМП е исклучен од натпреварувањето…
„Согласно членот 1.3.1 од пропозициите за натпреварување, во сите генерации дозволено е пријавување на повеќе екипи од ист клуб, но само една екипа по генерација, и член 7 од правилникот за натпреварување во младинските лиги кои се во организација на КФСМ, можат да се натпреваруваат само клубови кои се различни правни субјекти. Во истата конкуренција (машка или женска), не е дозволено клуб – ист правен субјект, да се натпреварува во истата лига, или во некоја од пониските лиги во организација на КФСМ. Со оглед дека екипите на КК „ФМП“ и КК „Струмица“ испратија меил дека се фузираат во еден клуб, КК „Струмица ФМП“, екипата на КК „ФМП“ се повлекува/исклучува од натпреварувањето во М16 гененерацијата“, се вели во Билтенот на КФСМ.
Останува само целата фузија да биде правно финализирана, што мора да се случи во најскоро време ако се знае дека новата сезона во мак-баскетот ќе стартува за 20 дена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА