Со вечерашниот дуел во Канзас и официјално ќе биде означен почетокот во новата НФЛ-сезона, во која сите екипи влегуваат со иста цел – да го симнат Канзас Сити од тронот на лигата.
Новата сезона ќе остане запаметена како прва без Том Брејди, големиот ас кој според многумина е најдобриот во историјата на НФЛ. Брејди на крајот од ланската сезона објави дека дефинитивно му кажува збогум на американскиот фудбал, пензионирајќи се со седум шампионски прстени (шест со Њу Ингланд, еден со Тампа Беј).
Најзвучен трансфер дефинитивно е оној на Арон Роџерс, одличниот квортербек кој реши да ја напушти екипата на Грин Беј и се пресели во Њујорк, за да биде „прва виолина“ на џетс.
Главен фаворит за трофејот повторно е шампионот Канзас Сити предводен од извонредниот Патрик Махомс, потоа тука е ланскиот финалист Филаделфија, а свои адути во битката за титулата имаат и Бафало, Синсинати, Сан Франциско, Далас…
Шоуто може да почне, a нема сомнеж дека и новата сезона во НФЛ ќе донесе низа суперинтересни натпревари на какви што навикнавме во минатото…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

