Ал Итихад се откажа – Салах останува во Ливерпул

Мохамед Салах и дефинитивно ќе ја мине оваа натпреварувачка сезона во дресот на Ливерпул откако англискиот гигант јасно стави до знаење дека нема намера да го продаде во Ал Итихад. Иако долго време се пишуваше дека преодниот рок во Саудиска Арабија завршува на 20 септември, последните информации велат дека арапските клубови можат да се засилат само до крајот на денешниот ден, што практично значи и дефинитивен крај на преговорите за Салах.

Ал Итихад не жалеше пари за да го убеди Ливерпул на трансфер, па така подготвена беше понуда од 200 милиони фунти за да се добие зелено светло за потпис за Салах. Самиот фудбалер ќе добиеше плата повисока од оние на Кристијано Роналдо и на Карим Бензема, но пресуден беше ставот на Јирген Клоп и на управата на „црвените“ – Мо Салах не е за продажба.

Богатите газди од Саудиска Арабија не се навикнати на вакви одговори, но на крајот мораа да ја прифатат реалноста и да ги прекинат преговорите. Тоа значи крај на сагата барем за овие неколку месеци, но следното лето овој трансфер би можел да се реактивира. Тогаш Салах би бил на една година пред истекот на договорот со Ливерпул и „црвените“ дефинитивно добро би размислиле ако добијат слична понуда, воедно и би имале доволно време за да ангажираат адекватна замена за својот најдобар фудбалер.

Се вчитува...