Во пресрет на денешната осминафинална пресметка на Европското првенство 2023 меѓу Македонија и Италија во Бари, еден од највлијателните спортски медиуми на Апенините, „Газета дело спорт“ со опширна сторија за македонската одбојкарска репрезентација која испиша историја со пласманот меѓу најдобрите 16 селекции на Стариот континент.
„Газета“ го потенцира моментот кој е и тоа како значаен за македонската одбојкарска историја со првиот пласман во Топ 16 во Европа.
„Генерацијата предводена од извонредниот Никола Ѓоргиев ги живее најдобрите денови во својата историја. За Македонија дуелот во Италија ќе биде засекогаш оставен во сеќавање, без разлика на крајниот исход. Но, јасно е дека не треба ниту за момент да се потцени противникот, без разлика колку и да е Италија огромен фаворит во оваа пресметка. Оваа Македонија ќе сака докажува“ – пренесува италијанскиот медиум, издвојувајќи сериозен простор и за македонскиот селектор Јошко Миленковски како една од централните фигури за македонската одбојка во нејзината незавиност.
„Миленковски е најуспешниот македонски тренер, не само во одбојката, туку во македонскиот спорт воопшто со освоени вкупно 28 трофеи во домашните шампионати. Сега ја однесе Македонија и до осминафинале на Европско првенство, за првпат во нејзината историја“ – пишува „Газета.
Македонија вечерва од 18 часот во Бари ја очекува осминафиналната пресметка против најголемиот фаворит за освојување на европската круна Италија која ќе се игра во спортскиот комплекс „Палафлорио“. „Спартанците“ и дефинитивно ги очекува вистински спектакл за паметење. Спортскиот центар Палафлорио е еден од најмаркантните во јужна Италија, со капацитет од 6.000 седишта кој дефинитивно ќе биде исполнет до последното место за осминафиналето против Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА