Одбојкарската репрезентација на Македонија испиша историја откако со две победи на домашен терен (Данска и Црна Гора) за првпат се пласираше во меѓу ТОП 16 репрезентации на Стариот континент. Па, сега осминафиналната пресметка со еден од најголемите кандидати за освојување на златото на Европското првенство 2024 вечерва од 18 часот во Бари дефинитивно треба да претставува престиж, уживање и тест за мотивацискиот капацитет на македонските момци да го извлечат најдоброто од себе.
„Спартанците“, се свесни дека во Бари против домаќинот и актуелен европски и светски шампион Италија, немаат којзнае какви шанси, но знаат и дека никој не може да им го украде правото да веруваат, да се борат и да пркосат на поквалитетните од себе.
„Нашата цел е исполнета, а сега не очекува најдобрата светска селекција Италија. И претходно нагласував дека овие момци треба да бидат горди за самото место во осминафиналето, и понатака само да уживаат во спектаклот кој се пружа можеби еднаш во кариерите. А, тоа ужување секако значи и борба до крај, мотив и максимален ангажман да се покаже најдоброто од себе. Македонската одбојка да добие уште една убава европска презентација“ – вели еден од најзаслужните за овој резултат на одбојкарите, селекторот Јошко Миленковски.
Македонија вечерва од 18 часот во Бари ќе игра во спортскиот комплекс „Палафлорио“. „Спартанците“ и дефинитивно ги очекува вистински спектакл за паметење. Спортскиот центар Палафлорио е еден од најмаркантните во јужна Италија, со капацитет од 6.000 седишта кој дефинитивно ќе биде исполнет до последното место за осминафиналето против Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА