Радивојевиќ: Потпишувам дека во Битола ќе има најдобра атмосфера во ЛШ

Ракометниот шампион на Македонија Е. Пелистер по пауза од петнаесет години прави кам-бек во Лигата на шампионите.

Битолчани в среда од 18.45 часот на домашен терен во премиерата за новата сезона на домашен терен ќе го пречекаат норвешкиот Колштад.

Новото засилување на битолчани, српското крило Богдан Радивојевиќ вели дека навивачите на Пелистер кои се најдобрите во светот ќе бидат играч плус за неговиот тим.

„Драго ми е што дојдов и што се приклучив кон екипата, за да се подготвиме за она што ни претстои. Имавме натпревари во Истанбул, со кои не сме задоволни и свесни сме дека некои работи мора да се поправат. За жал загубивме и на првиот важен натшревар против Вардар 1961 во Суперкупот. Лесно е сега да се биде паметен, сите знаевме каде грешевме и што треба да поправиме. Најмногу жалиме за навивачите што поминаа долг пат да нè поддржат, а не можевме да ги наградиме со победа. Сега напорно работиме за Колштад и да ја отвориме Лигата на шампионите со два бода. 

На секој играч цел му е да игра во Лигата на шампионите. Имаме голема шанса да направиме нешто големо. Овој град и оваа земја живеат за ракометот и тоа сите го гледаме и мора да го почитуваме. Потпишувам дека ќе имаме далеку најдобра атмосфера на натпреварите и тоа треба да го искористиме и мора да научиме да се носиме со притисокот. Да го пренесеме тој притисок на позитива, а не да се уплашиме. Имаме далеку најдобри навивачи во Лигата на шампионите и тоа мора да го искористиме“, изјави Радивојевиќ. 

Се вчитува...