Светислав Пешиќ никогаш во кариерата нема загубено меч за титула

Репрезентациите на Србија и Германија денеска ќе се сретнат во финалето на Светското првенство во кошарка кое во изминатиот период се играше во Филипини, Јапонија и Индонезија.

Иако многу се сомневаат по минатогодишната елиминација во осминафиналето на Евробаскетот во селекторот Светислав Пешиќ кој на овој шампионат меѓу другите не можеше да смета и на Никола Јокиќ и Василије Мициќ искусниот лисец повторно покажа дека е еден од најдобрите европски тренери на сите времиња.

Во корист на Србија пред финалето против Германија оди и податокот кој вели дека Пешиќ нема загубено финале во својата кариера. Првото добиено финале му беше со кадетската репрезентација на Југославија со која во 1983 година го освојува Европското првенство. Следниот успех на популарниот Кари е јуниорскиот шампионат во Бормио во 1987 година кога повторно стигна до титулата со Југославија.

По распадот на Југославија тој заминува за Германија каде како голем аутсајдер успева да стигне до титулата на Евробаскетот во 1993 година. Во 2001 година се враќа на клупата на Југославија со која го освојува Евробаскетот, а година подоцна слави и на Светското првенство во Индијанаполис каде на патот до титулата го добива домаќинот САД, а во финалето слави над Аргентина предводена од Ману Џинобили и Луис Скола.

Се вчитува...