ДАРКО ПАНЧЕВ отворено, како и секогаш, се за и околу репрезентацијата: „Мора и играчите и навивачите да градат култ кон националниот тим!“

Најголемото македонско фудбалско име, Дарко Панчев е несомнено водечката фигура на домашната спортска сцена кога се во прашање фудбалските разговори. Соговорник на кого единствено искрениот став му е препознатлив ‘имиџ’, поради што сега некако и најповикан за мислење околу последните случувања во македонската селекција по трите едноподруго натпревари против големите Англија, Украина и Италија.

По заедничкото следење на синоќешниот натпревар со европскиот шампион Италија нескриено задоволство кај „златната копачка“ на Европа од изданието на македонската селекција. Како што вели, нешто што и донекаде го очекувал, но и нешто повеќе од прекупотребно за враќање на атмосферата и во тимот и во јавноста…

„Како што секогаш биднува ние сме специјалисти да им приредиме шок на големите. По студениот англиски плусок кој ни се случи пред три месеци, повторно ни изгреа сонце, она милувачко македонско, и охрабрувачко“ – низ смеа го почнува македонската фудбалска легенда нашиот разговор, и веднаш дополнувајќи со подетална анализа за синоќешниот дуел:

„Одлична игра против неколкукратниот светски и се уште актуелен европски првак, oдлично реми за играчите да ја вратат самодовербата прекупотребна за враќање и на позитивната атмосфера. Фудбалски гледано бевме на едно навистина високо ниво. Селекторот уште еднаш потврди дека е специјалист за големи натпревари, и затоа постојано велам дека е најдобриот кој досега сме го имале. Навистина очигледно е дека Италија беше одлично изанализирана, тактички комплетно решена, со извлечени поуки од фијаското во Манчестер. Примивме еден наивен гол, кој не беше од акција на Италијанците, но помалку несреќен погодок затоа што одбиената топка од гредата ете дојде до Имобиле. Но, грешката е што одбраната, која мораше да реагира посериозно, го остави слободен. Ако го погледнеме голот четворица наши играчи се на десет метри во шеснаесетникот а никој не е блиску до него. Но, добро тоа се грешки кои се случуваат во фудбалот, и на секого… Ете, само таа грешка некако боде очи, затоа што навистина бевме одлично поставени во текот на целиот натпревар, мал број италијански фудбалери успеаја да направат вишок меѓу нашите десет играчи, и реално тие не создадоа некои големи шанси. И во тој дел се одлично функционираше. Италија во моментов има нов селектор, еден од најдобрите светски стратези. Се гледа дека ја подмладува репрезентацијата и мислам дека наскоро повторно ќе бидат една од најдобрите светски селекции, но реално на Спалети ќе му треба малку време за сето тоа“.

СТРУЧНИОТ ШТАБ И ФУДБАЛЕРИТЕ ЗАСЛУЖИЈА КРИТИКИ ПО „ОЛД ТРАФОРД“, НО И КОГА СЕ КРИТИКУВА ТРЕБА ДА СЕ ЗНАЕ ЗОШТО СЕ КРИТИКУВА А НЕ САМО ДА СЕ РАСФРЛАМЕ СО НАВРЕДИ И „ТЕОРИИ НА ЗАГОВОР“

Ова реми со европскиот шампион доаѓа по оној очаен јунски собир и двата порази од Украина и од Англија, кога стручниот штаб и играчите заслужија сериозни критики.

„Да бидеме реални, критиките по оној меч со Англија беа сосема оправдани. Разочарувањето по фантастичните 60 минути против Украина, и оние чудни 30 минути кои е нерално како се случија да дојдеме и сигурно треба посебно да се анализираат. Според мене, токму тие 30 последни минути со Украина и ја предодредија ‘седмицата’ потоа во Манчестер. Сепак, мислам дека претераните омаловажувачки коментари кон играчите и селекторот после Англија, кои кулминираа дури и со сомнежи за резултатот со Украина се неоправдани и недозволени. Точно е, да се примат 10 гола за 120 минути е фрапантно и ретко, но се случи. А, им се случувало и на други. Да не заборавиме дека Бразил успеа да прими седум гола на свој терен во полуфинале на светско првенство од Германија. Затоа и кога се критикува треба да се знае зошто се критикува, а не само да се опсипуваат со вулгарности оние кои ете сега ги славиме“.

Сепак, негативната атмосфера во репрезентацијата дополнително се засили и со незадоволството кон селекторот Милевски од страна на некои играчи и откажувањето на Стефан Ристовски од натамошен настап за репрезентацијата…

„Искрено не сум таму блиску до репрезентацијата и не ги знам работите што точно се случило, но онака принципиелно може, и како поранешен фудбалер, само едно да кажам. На секој еден играч треба да му е чест да игра за репрезентацијата, секогаш да биде тука присутен и да го дава максимумот од себе, а не да се меша во работи кои не се во негов домен. Замислете секој играч да кажува кој селектор му се допаѓа а кој не, и според името на селекторот да се откажува од репрезентацијата. Денеска еден, па утре на некој друг нема да му се допаѓа некој друг селектор… Тоа се детски работи кои не му доликуваат никому. Ова е чисто мој став исклучиво од фудбалски аспект, бидејќи сум бил и играч и функционер, па добро знам како функционираат тие нешта“.

МОРА ДА СЕ ГРАДИ КУЛТ КОН РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА, НА АРЕНАТА ПОТРЕБНО Е ДА СЕ ВРАТИ ВАРДАР ЗА ПОВТОРНО ДА ЗАЖИВЕЕ

Македонската јавност секогаш гаи силни амбиции и за безусловен пласман на најголемите светски натпреварувања, а некако реалноста дома ни кажува нешто друго. Ние дури дозволуваме и репрезентативците да играат упорно долги години на терен кој испраќа срамна слика во светот.

„Да, мора да се истакне дека убавата претстава и амбиентот на нашиот најголем стадион ги расипа во одредена мера оној катастрофално лош терен. Мора што побрзо таа слика во целост да се промени од сите фактори и нефактори… Не смее да се дозволува таков срам. А една од првите акции треба да биде и што побрзо враќање на вардаровите фудбалери на нивното исконско огниште. Зелениот тепих изгледа токму така, како да праќа една таква порака. На арената и е неопходен и Вардар како домаќин за да заживее“.

Се чини и како да недостасува култ кон репрезентацијата. Поддршката кон националниот тим е условена од јавноста врз основа на резултатите, која, пак, како постојано да очекува „по дифолт“ постојано да се победуваат селекции како Италија, Англија, Германија, Украина…

„Тоа е помалку наша нереална амбицизионост. Мора секогаш да се даде максимална поддршка на репрезентацијата. Погледнете ги другите стадиони во квалификациите, секогаш преполни и против најслаборангираните фудбалски селекции. Сепак, мора повеќе да учиме, и да градиме постојан култ кон репрезентацијата, култ кон националниот дрес. Тоа важи и за играчите и за навивачите. Да се игра за самата репрезентација и да се навива има една посебна суштина и содржина. Да се присуствува на спектакл против еден од најатрактивните фудбалски противници во светот е привилегија. И така треба да го доживуваме“.

ЗА ЕЛМАС, БАРДИ, МИОВСКИ И „НОВАЈЛИИТЕ“…

Елиф Елмас и Енис Барди?

„Натпреварот со Малта е секако шанса за нашите врвни креативци како Елиф Елмас. Тој е еден од нашите клучни играчи, и сигурно играта и резултатот на националниот тим секогаш во голема мера зависат и од него. Врвен напаѓач кој може да ја понесе репрезентацијата. Го освои Скудетото што е навистина големо достигнување, но обврски и мотив за уште понапорна работа. Верувам дека оваа есен ќе следат и голови во националниот дрес со што само ќе ја потврди својата класа. Барди, пак, е навистина веќе вистински изграден елитен фудбалер и со право е капитен на репрезентацијата и нов лидер“.

Како го гледаш настапот на Миовски кој веќе се наметнува како прв офанзивец во тимот, но и новајлиите кои дебитираа на најдобар можен начин?

„Жал ми е што први не поведовме, затоа што ако онаа извонредна акција на Алиоски и неговиот извонреден центаршут и убава испратена акција, Миовски ја крунисаше со погодок можеби се ќе беше поразлично… Штета, но тоа ми се чини се должи малку и на неискуството од вакви натпревари. Лекот за тоа е што повеќе игра, и сигурен сум дека, како млад голгетер, Миовски пред себе има се уште многу шанси за врвни достигнувања. Да, вредно за истакнување е и тоа што видовме неколку нови имиња во репрезентацијата, и за пофалби е што селекторот и екипата околу него активно го следат македонскиот потенцијал и на интернационалната сцена. Како за прв ваков посериозен настап и тоа против тим како Италија оставија навистина одличен впечаток и Елези во средниот ред, и новоповиканиот Иљазовски и Алими. Но мора посебно да ги потенцирам Манев кој одигра одличен натпревар, како и Димоски. Сите тие момци покажаа дека ќе бидат одлично освежување за тимот во иднина на кои сериозно може да се смета“.

МОРА МАКСИМАЛНА ВНИМАТЕЛНОСТ СО МАЛТА

Сега следи еден „мина-натпревар“ против Малта? Македонија често знаела после одлично одигран натпревар против врвен противник, веднаш потоа да киксира со аутсајдер.

„Тоа сега е клучниот момент. Не треба да подлегнеме на нашата карактеристична еуфорија, затоа што Малта е многу важен натпревар. Треба да го одиграме овој натпревар како да е одлучувачки во квалификациите. Мора максимална сериозност за да не се дозволик кикс“.

Македонија до крај на квалификацискиот циклус останува во битката за една од првите три позиции, што во секој случај би било постигнување според очекувањата…

„По овој вчерашен наш натпревар со Италија, но и ремито на Украина и Англија сега се гледа колку треба да жалиме за оној пораз од Украина. Со наша победа против Украинците сигурно ќе се надевавме на уште едни успешни квалификации. Не е страшно ако не се пласираме на Европско првенство, посебно во една ваква група но мора да се дава максимумот. Кога публиката ќе почувствува дека се дава максимумот, како синоќа против Италија, јасно е дека секогаш ќе биде задоволна“ – вели македонската фудбалска икона, и дополнува:

„Во секој случај, федерацијата не треба да губи време. Мора да се гради уште од сега една нова стратегија за следните квалификации. Има доволно искуство од надвор, и преку своите релации со европските национални федерации, кои треба да се искористат, а имаме и доволно квалитет и потенцијал кој треба да се стави во функција на сериозна активност за нов пласман на едно големо натпреварување. Уште повеќе што, што ете сега имаме и еден ветувачки резултат со  гостинската победа над Шведска на младата репрезентација која ја води Драган Канатларовски, што само потврдува дека ние имаме таленти и во младите катагерии. Но, потоа следи секогаш една стагнација и затоа мора повеќе да работиме на тоа, заради подобро утре, пред се, на најдобрата селекција“.

Се вчитува...