Бонучи го тужи Јувентус

Леонардо Бонучи со години успешно го носеше дресот на Јувентус, па ветеранот сериозно се навреди кога летово „старата дама“ реши да го отстрани од првата екипа како јасна порака дека мора што поскоро да го напушти најтрофејниот италијански клуб.

Тоа на крајот и се оствари, Бонучи како слободен играч се пресели во Унион Берлин, но италијанскиот репрезентативец јасно стави до знаење дека нема да го прости односот на Јувентус, па реши да го тужи калчолигашот од Торино. Медиумите од Апенинскиот полуостров објавија дека тужбата е веќе испратена и во наредните месеци и официјално ќе стартува судскиот процес, со кој Бонучи се надева на милионска исплата од „црно-белите“ од Торино.

Имено, тој смета дека изолирањето од првата екипа било апсолутно неоправдано, особено ако се знае дека му било забрането и користење на дел од апаратурите во тренинг-центарот. Според Бонучи и неговиот адвокат, тоа е целосно кршење на колективниот договор меѓу клубовите и Италијанската Асоцијација на Фудбалери, за што Јувентус мора да одговара.

Ветеранот веќе објави дека сите пари што ќе ги добие од овој случај, доколку тужбата му биде прифатена, ќе ги донира на Клиниката за Детска Неврохирургија во Торино.

Се вчитува...