Пол Погба го очекува суспензија и подолга пауза од терените по позитивниот допинг-тест, откако беше обелоденето дека францускиот ас бил позитивен на тестостерон по дуелот со Удинезе одигран на 20 август.
Тој веќе доби првична суспензија од Италијанската Фудбалска Федерација, а се очекува во најскоро време да следи и реакција од Јувентус. Дел од клубовите во вакви ситуации знаат да застанат зад играчот и да му дадат јавна поддршка, но „старата дама“ не планира вакво нешто, напротив – ќе следи раскин на договорот и отказ за францускиот фудбалер.
Причината е јасна – Погба е најплатен фудбалер во тимот со загарантирани осум милиони евра по сезона (плус два милиони преку бонуси), а фактот дека Французинот ја мина целата ланска сезона санирајќи низа повреди ги налути челниците на италијанскиот гигант. Новиот директор Џунтоли веќе имаше закажано состанок со Погба и со неговиот менаџерски тим за да се дискутира за нов договор и намалување на платата, но сега во Јуве планираат да го искористат максимално најновиот развој на ситуацијата.
Имено, согласно правилата Пол Погба сега ќе треба да даде Б примерок. Доколку и овој примерок биде позитивен (што е крајно очекувано), се најавува дека Јувентус експресно ќе му врачи отказ на овој фудбалер, се со цел да ги намали огромните финансиски проблеми со кои се соочува трофејниот италијански фудбалски колектив.
Максималната казна за ваков вид на допинг изнесува четири години, па останува да се види дали Погба воопшто ќе продолжи со фудбалот или по објавената санкција ќе објави крај на кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

