Италија во трилер-меч славеше над Холандија и спречи сензација на ЕП

Одбојкарската репрезентација на Италија успеа да спречи сензација на Европското првенство на кое е домаќин откако во четвртфиналето во трилер-меч славеше над Холандија со 3-2, по сетови 19-25, 25-17, 25-16, 23-25 и 15-12.

Изненадувачки Холанѓаните подобро го отворија натпреварот и брзо успеаја да стигнат до предност од 0-1 освојувајќи го првиот сет со 19-25.

Актуелните европски и светски шампиони во следните два сета заиграа на своето ниво и со 25-17 и 25-16 брзо стигнаа до целосен пресврт и водство од 2-1 во сетови. И кога сите во Бари мислеа дека работата е завршена, Холанѓаните предводени од неверојатниот Нимир Абдел-Азиз успеаја да го освојат четвртиот сет (23-25) и да израмнат на 2-2, а мечот да го одведат во одлучувачкиот тај-брејк.

Таму, Италија сепак успеа да се извлече да го добие тај-брејкот со 15-12 и да слави со 3-2. Во полуфиналето Италија ќе игра со Франција, додека вториот пар го сочинуваат Полска и Словенија.

Се вчитува...