ЕКИПА во Малта,
Горан Бошев
Македонската репрезентација одлично го заокружи септемврискиот квалификациски циклус, сега со еден нов изглед на националниот тим кој почнува да го гради селекторот Благоја Милевски, по што Македонија повторно се врати во игра и за втората позиција во квалификациите за ЕП 2024.
Ремито со Италија и победата над Малта, во одредена мера, покажаа дека оној јунски собир бил само една лоша епизода која треба што побрзо да се заборави.
И, ако еден убедлив пораз од Англија секако може лесно да се заборави како натпревар во кој едноставно сте останале на маргините на фудбалската претстава без никаква можност за реално надигрување со противникот, тогаш и тоа како боли од денешен аспект оној пораз од Украина од 2-3 на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
По ремито со Италија и победата над Малта сега тие несреќно загубени бодови со Украина добиваат далеку поголема тежина во трката за второто место во групата. Посебно ако се знае дека Македонија можеби одигра едни од најдобри свои 60 минути во последната декада. Имаше 60 минути водство од 2-0 против Украинците, а потоа за само 15 минути дозволи на необјаснив начин целосен пресврт.
Македонија сега до крајот на квалификациите ја очекуваат уште натпреварите со Украина (14. октомври во Прага) и ноемвриските против Италија во Рим и Англија во Скопје. Јасно е дека не очекува пеколно финале со европските гиганти. Но, тоа е и единствениот пат до најдобрите во Европа!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА