Стоичков: „Панчев е еден од Топ 5 најдобри фудбалери на сите времиња на Балканот“

Најславното име на бугарскиот фудбал во историјата, Христо Стоичков вели дека најславното име во македонскиот фудбал, пак, Дарко Панчев е еден од Топ 5 најдобри фудбалери на сите времиња на Балканот.

Стоичков и во минатото не штедел секогаш пофални зборови за македонската „кобра“, но сега повторно во разговор за „Гол“ уште еднаш го сместува во изборот меѓу најдобрите од балканските земји во историјата.

„За мене Лука Модриќ секако е нешто неверојатно во фудбалот, еден од најдобри фудбалери секако во Европа. А, ако треба да дополнам листа на најдобрите пет во историјата тоа се Дарко Панчев, Дејан Савичевиќ, Давор Шукер, Предраг Мијатовиќ, Георге Хаџи. Но, да бидеме реални тука има и уште имиња кои навистина би биле, пак, во најдобрите десет како Георге Попеску, Ален Бокшиќ, Драган Стојковиќ, Красимир Балаков“ – вели Стоичков, кој себе не се сместува на листата и покрај тоа што е јасно е дека е еден од најголемите на Балканот.

„Не. Јас за себе не зборувам, другите нека зборуваат за мене. Никогаш не сакам себе да се истакнувам во нешто. Мене ми е јасно дека Балканот е отсекогаш огромен расадник на врвни фудбалери. И среќен сум што со голем број од нив и денеска сум во одлични односи“ – дополнува Стоичков.

Се вчитува...