Означен крај на најдолгата репрезентативна кариера во историјата на фудбалот!

Андора загуби со 3-0 од селекцијата на Швајцарија, меч што ќе остане запаметен во историјата на фудбалот како последен што Илдефонс Лима го одигра за селекцијата на Андора.

Станува збор за играч кој ја има најдолгата репрезентативна кариера во фудбалската историја, ако се знае дека тој на 17-годишна возраст дебитираше во далечната 1997 година, при поразот од 4-1 од Естонија, а потоа во својот втор меч за Андора го постигна и првиот гол во репрезентативниот дрес.

Дваесет и шест години подоцна, Лима го одигра 137. натпревар против Швајцарија, беше повлечен од игра во 23. минута од мечот, а на негово место влезе Рикард Фернандез Бетриу, кој е роден две години по дебито на Лима за Андора.

Во 2021 година, Гинисовата книга на рекорди објави дека Лима е рекордер за најдолга репрезентативна кариера во машка конкуренција. Во женскиот фудбал, таа чест и припаѓа на Бразилката Формига, која настапуваше 26 години за „кариоките“ (1995-2021), притоа бележејќи 234 средби за својот национален тим.

Се вчитува...