На првиот натпревар оваа сезона во Лигата на шампионите, Еурофарм Пелистер во преполната сала „Боро Чурлевски“ во Битола е поразен од норвешки Колстад со 22-31. Норвежаните покажаа дека разликата во класи, сепак, е голема и дека во моментов тие се поквалитетни од македонскиот првак, кој не можеше, ниту му беше дозволено да парира, и да ја загрози победата на противникот.
Така освен почетното водство од 1-0 на домашните, понатаму натпреварот наликуваше на „симултанка“. Седум гола по ред на Колстад, од кои Еурофарм Пелистер не можеше да се опорави.
Токму тие седум гола и водство од 1-7, беа клучни за резултатот во првиот дел. Гостите го контролираа резултатот, за на крај да заминат токму со +6 на полувреме (10-16).
Пелистерци немаа решение за нападите на Колстад ниту на стартот од вториот дел. Брзи три гола за +9, и потоа веќе се знаеше победникот. Еурофарм Пелистер успеа да стигне до оние +6 на полувреме (18-24 и 19-25), а во финишот Норвежаните ја казнуваа секоја грешка на „зелено-белите“. Гледачите почнаа и предвреме да ја напуштаат салата „Боро Чурлевски“, и тоа доволно говори кој беше кој на овој натпревар. На крајот Колстад победи со највисоките девет поени разлика.
Ова е пораз за македонскиот првак за отрезнување, пред големото дерби во македонскиот шампионат, каде во недела Еурофарм гостува во СЦ „Јане Сандански“ на Вардар, а потоа следува гостински натпревар во ЛШ против Алборг.
Радивојевиќ кај Е.Пелистер беше најефикасен со шест гола. Кај гостите Алберг со девет голови беше нерешлива енигма за „пелистерци“. Домаќините немаа решение ниту за голманот Ситруп-Бергеруд кој забележа неверојатни 21 одбрана.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА